Ѓумбир (науч. Zingiber officinale) — цветно растение од Азија чиј ризом се користи како зачин и како народен лек.[2]
Ова е лиснато повеќегодишно растение кое се состои од едногодишни лажни стебла (свиткани лисни дршки) со тенки листови и високо е околу еден метар. Соцветијата имаат бледожолти цветови со виолетови примеси кои никнуваат право од кореништето на посебни фиданки.[3] Растението му припаѓа на семејството на ѓумбирите (Zingiberaceae), во кое спаѓаат и куркумата (Curcuma longa) и кардамомот (Elettaria cardamomum). Ѓумбирот води потекло од тропските дождовни шуми во јужна Азија каде растенијата се одликуваат со значајна генетска разноликост.[4] Се вбројува меѓу првите источни растенија доведени во Европа со трговијата со зачини уште во стариот век и се користел во стара Грција и Рим.[5] Растенијата од родот копитник (Asarum) се нарекуваат див ѓумбир поради сличниот вкус.
Ѓумбирот потекнува од тропските низински шуми во подрачјето од Индискиот Потконтинент до јужна Азија,[5] каде и денес највеќе се произведува. Во овие краишта и денес се среќаваат диви сродници на ѓумбирот,[5] а истото важи и за други тропски и суптропски делови од светот како Хаваите, Јапонија, Австралија и Малезија.[4]
Растението има лутникав вкус и својствен мирис.[5] Младите ризоми се сочни и месести, со поумерен вкус. Се користи свеж во готвењето, скиселен во оцет или отстоен во ракија. Од него се прави билен чај, се приготвуваат ѓумбирови напитоци или се кандира. Кога е сомелен, ѓумбирот се става во колачи, бисквити и други слатки јадења.
Узреаните ризоми се влакнести и речиси сосема суви. Сокот од коренот е честа состојка во индиската, кинеската, корејската, јапонската, виетнамската и други азиски кујни.
Во 2014 г. во светот се произведени 2,2 милиони тони ѓумбир, од кои 30 % во Индија, 19 % во Кина, 13 % во Непал, 12 % во Индонезија и 7 % во Тајланд.[6]
Сировиот ѓумбир се состои од 79 % вода, 18 % јаглехидрати, 2 % белковини и 1 % масти. Секои 100 грама ѓумбир даваат 80 калории и содржат умерени количества на витамин Б6 (12 % од дневниот внос, ДВ) и минералите магнезиум (12 % ДВ) и манган (11% ДВ), а во друг поглед имаат ниска хранлива вредност.
Кога е во сомелен облик, една кафена лажичка (5 грама) содржи 9 % вода и занемарливи хранливи состојки, со исклучок на манган (70 % ДВ).[7]
Ако се внесува во разумни количини, ѓумбирот начелно не предизвикува несакани дејства.[8] иако знае да заемодејствува со некои лекови како варфарин (противзгрутчувач)[9] и нифедипин (за крвоток).[10]
Мирисот и вкусот на ѓумбирот се должат на испарливите масла кои се застапени со 1-3 % од свежиот корен, и тоа зингерон, шогаол и гингерол.[2][11] Зингеронот се добива од гингеролот при сушење на ѓумбирот, и е послаб, со луто-слатка арома.[11]
Ѓумбирот го поттикнува создавањето на плунка во устата, што го олеснува голтањето.[12]
Ѓумбир (науч. Zingiber officinale) — цветно растение од Азија чиј ризом се користи како зачин и како народен лек.
Ова е лиснато повеќегодишно растение кое се состои од едногодишни лажни стебла (свиткани лисни дршки) со тенки листови и високо е околу еден метар. Соцветијата имаат бледожолти цветови со виолетови примеси кои никнуваат право од кореништето на посебни фиданки. Растението му припаѓа на семејството на ѓумбирите (Zingiberaceae), во кое спаѓаат и куркумата (Curcuma longa) и кардамомот (Elettaria cardamomum). Ѓумбирот води потекло од тропските дождовни шуми во јужна Азија каде растенијата се одликуваат со значајна генетска разноликост. Се вбројува меѓу првите источни растенија доведени во Европа со трговијата со зачини уште во стариот век и се користел во стара Грција и Рим. Растенијата од родот копитник (Asarum) се нарекуваат див ѓумбир поради сличниот вкус.