dcsimg

Американски алигатор ( Macedonian )

provided by wikipedia emerging languages

Американскиот алигатор (Alligator mississippiensis) е еден од двата преживеани видови на алигатори, род од фамилијата Alligatoridae. Американскиот алигатор живее само на територијата на југоисточен САД, каде ги населува мочурливите земјишта. Овој вид е поголем од другиот преживен вид на алигатор – кинескиот алигатор.

Распространетост и живеалиште

Американскиот алигатор го среќаваме во југоисточниот дел на САД, од Северна Каролина, јужно до Флорида и западно до јужниот дел на Тексас. Ги среќаваме во државите Северна Каролина, Јужна Каролина, Џорџија, Флорида, Алабама, Мисисипи, Арканзас, Луизијана, Тексас и Оклахома.

Иако првенствено се слатководни животни, алигаторите понекогаш ги среќаваме и во деловите каде има мешање на слатка и морска вода[1]. Овие животни живеат во мочуришни земјишта. Алигаторите зависат од мочуриштата, и на одреден начин и мочуриштата зависат од нив. Како суперпредатори, тие ја контролираат бројноста на популациите на глодари и други животни кои доколку се во преголем број можат да ја уништат мочуришната вегетација.

Американските алигатори се поотпорни на ладно од американскиот крокодил. За разлика од крокодилите кои на температура од -13 оС брзо подлегнуваат на ладното и се дават, американскиот алигатор ги издржува овие температури без проблеми[2]. Се смета дека поради оваа адаптативна карактеристика алигаторите се далеку пораспространети на север од американските крокодили[2]. Всушност американскиот алигатор е најсеверно распространето крокодиловидно животно, и најотпорен на ниски температури[3].

Алигаторски дупки

Најголема корист за мочуриштето и неговите жители се „алигаторските дупки“ кои ги градат возрасните индивидуи на алигатори и ги прошируваат низ годините[4]. Алигаторот ја употребува устата и канџите да ја раскопува вегетацијата за да го расчисти просторот, а потоа туркајќи со телото и удирајќи со опашката, создава депресија која се полни со вода за време на влажната сезона а потоа ја држи водата откако ќе престанат дождовите. За време на сувата сезона, поточно за време на големите суши, алигаторските дупки ги снабдуваат со вода рибите, инсектите, раковите, змииите, желките, птиците и другите животни вклучувајќи го и алигаторот.

Понекогаш, алигаторот може да ги прошири овие дупки со копање под надвиснат брег за да создаде скриено дувло. После тунелот кој може да биде долг и до 6 метри, тој го проширува дувлото, прваејќи еден вид на соба со таван доволно повисок од нивото на водата за да има простор за дишење. Ова не е алигаторско гнездо, туку само начин за преживување на сувата сезона и зимата.

Карактеристики

 src=
Американски алигатор во Флорида

Американскиот алигатор има широко, малку заоблено тело со широка глава и многу моќна опашка. Најчесто имаат темнозелена, кафена, сива или скоро црна боја на кожата со кремави нијанси на стомакот. Водите богати со алги им даваат на алигаторите позеленкаста боја, додека танините од надвиснатите дрвја им даваат потемна боја. Возрасните мажјаци се долги помеѓу 3,96 и 4,48 метри, додека женките се со просечна должина од 3 метри[5][6]. Најтешките мажјаци од овој вид достигнуваат околу 473 килограми, а најтешките жeнки околу 130 килограми[7]. Најголемиот регистриран американски алигатор бил со должина од 5,8 метри[8]. Опашката која е половина од вкупната должина на алигаторот првично се користи за пливање. Опашката исто така ја користат и како оружје за одбрана доколку се почувствуваат загрозени. Алигаторите во вода се движат многу брзо, но затоа се далеку побавни на копно. Поседуваат пет канџи на двете предни нозе и по четири канџи на задните. Американскиот алигатор има најсилен загризок од сите живи животни. Измерен во лабораториски услови изнесува 9452 N[9].

Некои алигатори не го поседуваат генот за меланин, што ги прави албино. Овие алигатори се екстремно ретки и е речиси невозможно да се сретнат во дивината. Албино алигаторите преживуваат само во заробеништво. Како сите албино животни, и овие се многу ранливи на сонце и лесно забележливи за предаторите[10].

Исхрана

 src=
Американски алигатор со својот плен - возрасен елен

Алигаторите се хранат со риби, птици, желки, змии, цицачи и влекачи. Младенчињата сепак се хранат со помал плен како без’рбетници, односно инсекти, ларви, полжави, пајаци и црви. Тие исто така јадат и мали риби. Како растат така одбираат се поголем плен. Така за кратко време тие почнуваат да јадат риби, мекотели, жаби и мали цицачи како стаорци и глувци. Младите алигатори имаат поголем избор на плен, од змии и желки до птици и цицачи со средна големина како ракуни.

Откако ќе достигнат зрелост секое животно кое живее во водата или доаѓа до водата за да пие вода е потенцијален плен. Возрасните крокодили јадат и елени, домашни животни од типот на крава и овца, но и помали алигатори. Во ретки случаи забележани се големи мажјаци на американски алигатор како ловат американска црна мечка или пантер од Флорида, што го прави алигаторот вистински суперпредатор во регионите каде што живее[11]. Американскиот алигатор е познат и под името „Кралот од Еверглејдс“[12].

Желудникот на алигаторот често содржи гастролити. Функцијата на овие камења е дробење на храната што помага при дигестијата. Ова е доста важо, бидејќи алигаторите го голтаат целиот плен.

Размножување

 src=
Младенче на алигатор
 src=
Младенче со впечатливите жолти пруги на телото

Сезоната на парење започнува на пролет. Иако алигаторите немаат гласни жици, мажјаците рикаат гласно за да ги привлечат женките и да ги предупредат останатите мажјаци. Овие рикања ги произведуваа со воздух кој го вдишуват во белите дробови а потоа го ипуштаат во испрекинати интервали.

Мажјаците употребуваат и инфразвук за време на сезоната за парење. Додека нивната глава и опаш се над водата а телото е нурнато, водата над грбот прска поради нивното инфразвучно рикање, и ова се нарекува „танц на водата“.[1]

Женките градат гнезда од растенија и кал во близина на вода. Во нив положуваат 20 до 50 јајца, по големина слични на гускините. Oва ги разликува од нилските крокодили, кои јајцата ги положуваат во дупки[2]. Температурата на која се наоѓаат јајцата за време на периодот на инкубација е одлучувачки фактор за полот на младите алигатори. Доколку температурата е 32,2 - 33,8 °C се развиваат машки, а доколу е 27,7 – 30 °C се развиваат женски. Доколу температураат е помеѓу, тогаш леглото е мешано, односно има и машки и женки алигатори. Мајката останува близу до гнездото за време на периодот на инкубација кој трае 65 дена и го заштитува од предатори. Кога младите почнуваат да излегуваат од јајцата испуштаат високо-фрекфентни крикови, со кои ја повикуваат мајката да го откопа гнездото.

Младенчињата се морфолошки идентични со родителите, и имаат жолти пруги околу нивните тела. По излегувањето од јајцата тие се упатуваат директно кон водата. Првите неколку дена живеат на резервите од жолчка кои ги имаат во стомаците. Мајката се грижи за младите во следните 5 месеци.

Алигаторите достигнуваат зрелост за парење на возраст помеѓу 8 и 13 години, кога се долги 1,8 - 2,1 метри. Од оваа возраст, ниниот раст станува побавен. Најстарите мажјаци кои имаат 30 или повеќе години можат да пораснат и до должина од 4,85 метри[13] и да тежат до 510 килограми.

Алигаторите и луѓето

 src=
Борба на алигатор и питон

Алигаторите се способни да убијат човек, но генерално се доста претпазливи и не ги гледаат луѓето како потенцијален плен. Каснувањето од алигатор е сериозна повреда најмногу поради опасноста од инфекција. Неадекватен третман на ваквите рани може да резултира со сериозни инфекции поради кои е неопходна ампутација на екстремитетот. Опашката на алигаторот е исто така моќно оружје со кое може да бутне човек на земја и да крши коски. Алигаторите се родители кои се однесуваат заштитнички спрема нивните млади, и напаѓаат било што што ќе се доближи премногу или претставува закана.

Ов 1948 година, регистрирани се повеќе од 275 неиспровоцирани напади на луѓе во Флорида, од кои најмалку 17 резултирале со смрт[14]. За време на 70тите, 80тите и 90тите години, имало само 9 фатални напади во САД, но алигаторите убиле 12 луѓе од 2001 до 2007 година.

Одгледување

Одгледувањето на алигатори е во вистински пораст на Флорида, во Тексас, во Џорџија и во Луизијана. Овие три држави годишно произведуваат околу 45 000 кожи од алигатор. Овие кожи достигнуваат висока цена на пазарот, па така кожа со должина од 1,8-2 метри достигнува цена од 300 долари. Производството на месо од алигатор исто така е доста популарно, па годишно се произведуваат и до 140 тони. Според оделот за земјоделство на Флорида, 100 грама месо од алигатор има 240 калории[15].

Заштитен статус

 src=
Американски алигатор од Мисисипи

Низ историјата, алигаторите биле изумрени во многу делови од нивната распространетост поради прекумерниот лов и загубата на природното живеалиште, па така пред 30тина години луѓето мислеле дека овој вид нема никогаш да закрепне. Во 1967 година, американскиот алигатор е ставен на листата на загрозени видови, со што се сметало дека е во опасност од изумирање на сите територии на кои бил распространет.

Заедничките напори на „United States Fish and Wildlife Service“ државната агенција во САД, и формираните одгледувачки фарми помогнале за спасување на овој вид. Ловот на алигаторот станал забранет со закон, што овозможило зголемување на бројот на индивидуите во природата. Постојат и програми за набљудување со кои се следи зголемувањето на популациите. Во 1987 година, агенцијата објавува дека бројноста на американскиот алигатор е стабилизирана и полека го трга од листата на загрозени видови.

Наводи

  1. „American Alligator“. Uga.edu. конс. 2008-12-02.
  2. 2,0 2,1 2,2 Guggisberg, C.A.W. (1972). Crocodiles: Their Natural History, Folklore, and Conservation. стр. 195. ISBN 0715352725.
  3. Alligator physiology and life history: the importance of temperature, Valentine A. Lance. Experimental Gerontology, Vol. 38, Issue 7, 20 јули,03, pp. 801-805.
  4. http://www.fws.gov/endangered/factsheets/alligator.pdf
  5. „Crocodilian Species - American Alligator (Alligator mississippiensis)“. Flmnh.ufl.edu. конс. 2008-10-14.
  6. „ADW: Alligator mississippiensis: Information“. Animaldiversity.ummz.umich.edu. конс. 2008-10-14.
  7. Woodward, Allan R.; White, John H.; Linda, Stephen B.. Maximum Size of the Alligator (Alligator mississippiensis). „Journal of Herpetology“ том 29 (4): 507-513.
  8. „Salt Grass Flats - American Alligator“. Saltgrassflats.com. конс. 2008-12-02.
  9. The ontogeny of bite-force performance in American alligator (Alligator mississippiensis) (PDF). „Journal of Zoology“ том 260 (3): 317-327. http://www.alligatorfarm.us/images/Research/Erickson%20et%20al.%202003.pdf.
  10. „White albino alligators“. .softpedia.com. конс. 2008-10-27.
  11. „American Alligator“. Sciencedaily.com. конс. 2008-10-14.
  12. „Alligator Page 2“. Biol.andrews.edu. конс. 2008-10-14.
  13. „Animal Planet :: Australia Zoo - American Alligator“. Animal.discovery.com. 13 октомври, 2008. конс. 2008-10-14. Check date values in: |date= (помош)
  14. „Living with Alligators“. Myfwc.com. конс. 2008-10-14.
  15. „Calories in Alligator, Crocodile“. Annecollins.com. конс. 2008-12-11.

Наворешни врски

license
cc-by-sa-3.0
copyright
Автори и уредници на Википедија

Американски алигатор: Brief Summary ( Macedonian )

provided by wikipedia emerging languages

Американскиот алигатор (Alligator mississippiensis) е еден од двата преживеани видови на алигатори, род од фамилијата Alligatoridae. Американскиот алигатор живее само на територијата на југоисточен САД, каде ги населува мочурливите земјишта. Овој вид е поголем од другиот преживен вид на алигатор – кинескиот алигатор.

license
cc-by-sa-3.0
copyright
Автори и уредници на Википедија